Фудбалерите на Манчестер и Реал во Скопје

07.08.2017 13:02

Манчестер и Реал утре на националната арена ќе се борат за трофејот од УЕФА Суперкупот. Според планираното, прва во Скопје пристигнува експедицијата од Манчестер Јунајтед. Англичаните треба да слетаат на аеродромот „Александар Велики“ околу 13 часот. Нешто повеќе од половина час подоцна, таму треба да се појави и актуелниот европски првак Реал Мадрид. Попладне и двата тима ќе имаат тренинг.

Скопје во фокусот на светската фудбалска јавност. Манчестер и Реал утре на националната арена ќе се борат за трофејот од УЕФА Суперкупот. Според планираното, прва во Скопје пристигнува експедицијата од Манчестер Јунајтед. Англичаните треба да слетаат на аеродромот „Александар Велики“ околу 13 часот. Нешто повеќе од половина час подоцна, таму треба да се појави и актуелниот европски првак Реал Мадрид.

Попладне и двата тима ќе имаат тренинг. Прв на тревникот на националната арена во 17:30 часот ќе излези тимот на Жозе Мурињо, а екипата на Зинедин Зидан ќе тренира од 19:30 часот.

Иако беше најавувано дека најголемата ѕвезда на Реал Мадрид нема да дојде во Скопје, сепак Кристијано Роналдо ќе биде дел од „кралскиот тим“ на утрешниот УЕФА Супер куп натпревар против Манчестер Јунајтед, но засега не се знае дали ќе игра.

Од денеска е воведен посебен сообраќаен и пешачки режим во непосредна близина на стадионот. Министерството за внатрешни работи соопшти дека од 8 часот, па се до завршување на натпреварот, на потегот од крстосниците на улиците „Аминта Трети“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот- УЕФА.

Утре, на денот на натпреварот, во зависност од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот „Илинден“ на потегот од Владата до крстосницата со улицата „Рузвелтова“.