По топлотниот бран, освежување со поројни дождови
Најмалку четири луѓе го загубија животот од силните бури што ја зафатија северна Италија. Изведени се акции на спасување во планинските области. Жртва од невремето има и во Австрија. По топлотниот бран, освежување со поројни дождови и на Балканот.

Освежување со значителен пад на температурата и поројни дождови пристигна во западните делови на Балканскиот Полуостров. Сараево беше погодено од пороен дожд, врнежи имаше и во Загреб, а делови од Словенија беа погодени од град.
Локалните медиуми јавуваат дека на подрачјето на Бугојно паѓал град со големи на орев кој предизвикал големи штети на земјоделските култури. Поројни дождови се забележани и во другите делови на Босна и Херцеговина. Метеорозолите во наредните денови најавуваат повторно големи жештини, додека посериозно заладување се очекува кон крајот на неделата.
Во Италија, пак, најмалку четири лица загинаа во силно невреме што го погоди северниот дел на земјата. Медиумите јавија дека во планинските предели на земјата биле извршени повеќе спасувачки операции. Маж загинал од удар на гром во Мармолада, највисокиот планински врв на доломитите, а во покраината Фурланија, една државјанка на Белгија загинала кога врз нејзиниот шатор паднало дрво.
Во Австрија невремето ја зело и првата жртва – загинало 13-годишно момче кое било доброволец во локалната противпожарна служба. Тоа помагало во евакуацијата на камп во кое биле околу 30 деца. Повеќе од 200 луѓе се уште не можат да се вратат во своите домови.
„Насобраното ѓубре од поплавите е во должина од околу километар ипол“, изјави Јосеф Промегер, шеф на спасувачка операција.
„Мислевме дека дошол крајот на светот овде во долината“- рече Мајкл Хендел, пожарникар.
Силно невреме погоди и неколку области во Романија предизвикувајќи блокирани патишта, паднати дрвја, оштетени автомобили, а има извештаи и за повредени.
Слична е сликата и во источна Русија, каде што биле поплавени шест села. Дел од луѓето биле евакуирани.
Марина Автовска
