Сушата може да го намали родот на тутунот
Нема дождови, уште помалку вода за наводнување во прилепското вештачко езеро. Тутунарите стравуваат дека големите горештини ќе го намалат родот. Агрономите со првична процена- веќе има намалување на родот.

Сушата го зема данокот кај годинашнава реколта тутунот. Уште сега е јасно дека родот ќе се намали. Ако наскоро не заврне, приноси ќе има уште помалку, проценуваат агрономите.
Во прилепската акумулација со капацитет од 6 милиони, има уште неполни 2 милиона кубни метри вода. Доволно за уште едно наводнување на околу 1.400 хектари под мрежата на хидросистемот. Најтешко е на површините каде нема наводнување, пред сѐ во Долненско.
Од целата реколта тутун во Македонија, речиси половината е во прилепскиот регион. Ланскиот род во земјава тежеше околу 25.000 тони.
Елизабета Митреска
