Фудбалерите на Реал и на Манчестер пристигнаа во земјава, отворени фан зоните

07.08.2017 16:34

Македонија и светот одбројуваат до Супер купот на УЕФА. Уште еден ден до големата пресметка меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид на националната арена во Скопје. Спортските ѕвезди пристигнаа во главниот град. За фудбалските фанови се отворени посебни зони во центарот на Скопје. Загревањето за централниот настан со музика и други спортски активности. На плоштадот „Македонија“ поставени и трите трофеи на УЕФА: Лига на шампиони, Лига Европа и Супер купот...

Расте ентузијазмот дека ќе победи тимот за кој од срце се навива. Фанови на двата најдобри европски фудбалски клубови Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, ден пред натпреварот пристигнуваат во Скопје. Кафулињата на кејот се претесни за да ги соберат сите. Англичаните расположени, се надеваат наубедлива победа.

„Ако Јунајтед играат добро ќе победиме 4:0. Ако играат лошо ќе победиме со 3:0.“

„Вчера дојдов овде од Норвешка. Ги поддржувам Манчестер Јунајтед. Играчите се во добра кондиција и се надевам дека ќе победиме со 4:0“- велат навивачи на Манчестер за МТВ.

Навивачи пристигнаа од сите страни на светот.

„Фудбалерите на Реал Мадрид победуваа на сите големи натпревари годинава. Овде има многу повеќе навивачи од Англија, не гледам многу Шпанци. И тие што се дојдени, мислам дека се дојдени на одмор.“

„Луѓето во Скопје се фантастични. Многу се гостопримливи и дружељубиви. Не би можел да кажам лош збор за Скопје, ова е фантастично место. Навивам за Мачестер Јунајтед кој е најголемиот и најдобриот клуб во светот. Реал Мадид можеби го има кралското семејство зад себе, но ние имаме срце и страст што ќе ја покажеме утре“- велат навивачите кои ги анкетиравме.

Италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео кој се прошета во неутралната фан зона, рече дека нема да навива за ниеден тим посебно, но очекува да види квалитетен фудбал.

„Нема да навивам за ниеден тим. Ќе беше подобро да го имавме Јувентус овде се разбира, но се надевам дека Манчестер и Реал ќе одиграат квалитетен натпревар. Утре е ден на спортот за сите навивачи“, изјави амбасадорот на Италија во земјава, Карло Ромео.

Во фан зоната веќе се поставени и трите трофеи на УЕФА, односно на Лигата на шампионите, на лигата на Европа и на Суперкупот.

Анита Димитријевска