Продолжува јавната расправа за стратегијата за бегалци и за странци

07.08.2017 16:56

Во Собранието продолжи јавната расправа за бегалци и за странци. Агенцијата за разузнавање тврди дека земјава успешно се справува со мигрантската криза, но посочува дека сериозен предизвик претставува внесувањето нетипични болести и вируси. Дел од говорниците, пак, сметаат дека државава нема доволен капацитет за интеграција на бегалците и на мигрантите.

Македонија успешно се справуваше со мигрантската криза- тврди Агенцијата за разузнавање. Интеграцијата на мигрантите не поминува без сериозни безбедносни закани. Како предизвици посочени културолошките разлики, можностите за насилен криминал, насилство, ризиците од тероризам. Дел од мигрантите кои доаѓаат, велат од Агенцијата, веќе се радикализирани.

Директор на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов, посочи дека во изминатите две години низ Македонија транзитирале 8.000 лица со фалсификувани документи.

Според претседателот на собраниската Комисија за труд и социјална политика, Влатко Ѓорчев, во стратегијата е спорно тоа што со одлука на владата треба да бидат обезбедени 100 локации за згради. Ги критикуваше и деловите што се однесуваат на стекнувањето државјанство.

Загриженост за стратегијата и акцискиот план изрази градоначалникот на Дојран, Борче Стамов. Вели- нема капацитет за сместување и интегрирање на мигрантите.

Од невладиниот сектор велат дека треба поопширна дебата.

СДСМ, чиишто пратеници не учествуваа на расправата, се огласи преку соопштение. Бараат ВМРО-ДМНЕ да пресане да шири страв и паника, бидејќи стратегијата е продолжение на онаа од 2008-ма година. Велат- со стратегијата се почитуваат меѓународните стандарди и Конвенцијата за правата на бегалци.

 

Наташа Гркова- Петрушевска