Свети Валентин- бизнис во САД

14.02.2014 09:00

Празниците во Соединетите Американски држави се повод за шопинг и снижувања во продавниците за да се привлечат што повеќе потрошувачи. Свети Валентин е уште еден таков празник, кога милиони Американци трошат долари за подароци за нивните најсакани.

Над 95 милиони црвени рози се увезоа за Свети Валентин од Колумбија и Еквадор, најголемите снабдувачи со цвеќе во Америка. Американската поштенска служба оваа година имаше 38 дополнителни летови на авиони ладилници за транспорт на цвеќе за да се подмират потребите на пазарот. По пристигнувањето на аеродромот во Мајами, американската агенција за царина и гранична контрола ги проверува пакетите со цвеќе. Американците поради кризата штедат и на подароците за саканите.

„Луѓето помалку купуваат и внимаваат на доларите. Купуваат мешано цвеќе со рози, и можеби свеќи, мали мечиња и картичка“, вели Мелинда, продавачка во цвеќарница во Вашингтон.

„Најчесто мажи купуваат за нивните девојки или сопруги. Сега најмногу купуваат чоколади“, вели Џек, продавач во цвеќарница во Вашингтон.

Покрај Тифани, Кеј, Пандора и други американски компании за продажба на накит, и младите американски уметници дизајнери на бижутерија профитираат од Свети Валентин, ден кога имаат и изложба за купувачите.

„Продажбата оди одлично. Многу сум возбуден. Изгледа на сите им се допаѓаат овие две нараквици, со бакарна и сребрена боја“, објаснуваКрис Смалс, студент по дизајн.

Традиционално секоја година за Свети Валентин во Вашингтон се организира добротворна трка за собирање на средства за детски болници. Напреварувачите трчаат во долна облека околу Конгресот како дел од трката наречена Купидон.

„Ова почна пред 4 години во Вашингтон и сега се прошири низ светот“, изјави Боби, основач на трката во Вашингтон.

„По три години собравме милион долари од 18 градови“, вели еден учесник во трката.

Трката Купидон освен во Вашингтон, се одржува секој викенд по Свети Валентин во Кливленд, Њујорк, Чикаго, Сан Франциско, Лос Анѓелес и други американски градови.

Свети Валентин е празник од кој профитираат и рестораните во Вашингтон, каде вљубените двојки одат на ручек или вечера.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник за МРТ од Вашингтон