16 години од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак

08.08.2017 11:25

16 години од терористичкиот напад врз припадниците на армиската резерва во месноста Карпалак, на потегот Скопје- Тетово. Во Прилеп почна одбележувањето на загинувањето на 10-темина резервисти. И денес болката не е бледнее. Само неколку дена по нападот беше потпишан Охридскиот Рамковен договор...

И по 16 години мајчината болка е иста, спомените навираат. За синот Пецо кој замина со армискиот конвој и никогаш не се врати.

„Овие денови уште потешко, уште потажни сме. Нивните траги никогаш нема да се заборават“, вели Менка Секулоска.

Пред спомен обележјето во прилепската касарна, почнаа чествувањата по повод 16 годишнината од загинувањето на 10-те бранители, во заседата на армискиот конвој на патот Скопје-Тетово, кај месноста Карпалак. Со ветување дека нема да бидат заборавени Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Веби Рушитоски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Дарко Вељаноски, Љубе Грујоски, Пеце Секулоски и Марко Деспотоски.

Во турболентната 2001-ва, кога недобронамерниците посегнаа по ова парче земја, прилепчани масовно се одзваа и застанаа во одбраната на суверенитетот и интегритетот на Македонија.

„Ние не потклекнуваме. Трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и на страниците на историјата, која што на поколенијата ќе им ги пренесува настаните, но во исто време и доблестите и родољубието на чуварите на сопствените огништа, останува и обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот да го чуваме, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година, да не дозволиме никогаш да се повтори“, рече потполковник, Славчо Кузманоски.

Централното чествување е пред споменикот „Карпалак“.

 

Елизабета Митреска