Француските медиуми пишуваат за „крај на спорот за името“ на Македонија

08.08.2017 11:41

Два француски весници, неделникот „Експрес“ и дневниот „Хуманите“ во ист ден објавуваат анализа за спорот стар скоро триесет децении околу оспорувањето на Грција за користењето на името Македонија на Република Македонија, јавува дописникот на МРТ...

Еужен Барбеза од „Хуманите“ се запрашува уште во самиот наслов од својот текст, дали „сѐ оди кон крај на раздорот околу Македонија?“ .

Додека „Експрес“ насловува „Македонија изгледа е одлучена да ја затвори бесконечната дебата за името“ и Грција изгледа дека не се спротиставува на тоа. Ова по четврт век на спор „кој виден од другите земји, изгледа како бурлеска“.

По промените во власта во Македонија „новиот социјалдемократски премиер на Македонија, Зоран Заев, изрази волја да се надмине спорот за името на неговата земја веданш по неговиот избор во јуни, по што беше восптавена агенда на билатерални средби со Атина“- пишуваат француските весници и агенцијата АФП.

Промена на тонот со Зоран Заев. Веднаш по неговиот избор тој оцени дека неговата земја би можела привремено „да стане членка на НАТО под името ПЈРМ“.

Постои „извесна мобилизација“, вели еден грчки дипломатски извор за АФП, истакнувајќи дека има „знаци“ на добра волја во Скопје. Но, дека сега „треба да се почекаат дела“.

„Грција може да остане во истата положба и два века. Ние мора да најдеме решение за деблокирање на процесот на интеграција во НАТО и во ЕУ“, изјави, под анонимност, висок функционер на СДСМ.

Но, тој притоа предупреди, во оваа мала, кревка земја, ќе треба да се најде политички „консензус“ за да се поддржи изборот на „референдум“. „Прашањето е: која е цената да се влезе во клубот“, резимира Тони Дескоски, професор по право во Скопје.

Актуелната грчка влада сѐ уште не даде никакви предлози. Таа очекува продолжување на преговорите за да ја открие својата игра. Во 2007-ма година, тогашната влада, предложи „име со географски префикс“, завршува францускиот печат.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ