Контаминираните јајца продавани во најмалку 7 земји
Се проширува листата на земји на Европската унија во кои се продадени затруените јајца произведени во холандска компанија. 7 држави на Унијата веќе го запреа увозот поради присуството на забранетиот инсектицид во овие производи...

Европската унија соопшти дека јајцата заразни со штетниот инсектицид Фипронил биле продавани во најмалку седум земји, што значајно го проширува географскиот простор на скандалот со продажба на неисправни производи. Холандските власти соопштија дека кон крајот на јули ги затвориле фармите откако во јајцата пронашле висока концентрација од инсектицидот фипронил забранет за употреба поради негативните последици врз здравјето на луѓето.
Белгиските власти отворија истрага во јуни, но до јули не ја известиле Европската комисија за користењето на забранетиот инсектицид. Германија, чии супермаркети редовно добиваат испорака на холандски јајца, почна сопствена истрага минатиот месец.
„Не можам да кажам дека се е чисто додека не ги испитаме сите делови. Но можам да кажам дека состојбата е под контрола. Добиваме информации од Холандија, а тоа требаше да се случи уште пред неколку недели“, изјави Кристијан Шмит, министер за земјоделство на Германија.
Холандија, Белгија и Германија преку системот на ЕУ за безбедност на храната предупредиле други земји дека загадените јајца можеби се извезени и кај нас. Предупредувања се испратени во Шведска, Швајцарија, Франција и Велика Британија. Холандските фармери предупредија дека скандалот со продажба на неисправни јајца би можел да добие пошироки размери.
Светската здравствена организација оценила дека фипронилот во поголеми количества е умерено отровен за луѓето, бидејќи може да биде опасен за бубрезите, црниот дроб и за тироидната жлезда.
„Фипронилот е моќен инсектицид, посилен е за инсектите отколку за луѓето, па затоа смртните случаи се многу ретки“, изјави Алфред Бернард, токсиколог.
За хемиското контаминирање се дознало откако одгледувачите на живина во Холандија побарале помош од здружението „Чикфренд“ специјализирано за искоренување на паразит што ги напаѓа животните.
Здружението за искоренувањето на паразитот користело органски фипронил кој често се користи во ветеринарните препарати против буви и крлежи, но е забрането во лекување на животни што се користат за исхрана.
Марина Автовска
