Данев: Правосудните органи и судовите под жесток притисок да носат политички нарачни одлуки

09.08.2017 12:24

Според опозициската партија, Апелација направила преседан во однос на употребата на прислушуваните материјали во постапката.

Правосудните органи и судовите се под жесток притисок да носат политички нарачни одлуки- реагира ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, Апелација направила преседан во однос на употребата на прислушуваните материјали во постапката.

„Скандалозна одлука со која се отвора пандорината кутија, со која во иднина ваквите нелегално стекнати и прислушувани разговори ќе се користат и злоупотребуваат како алатка за прогон на политичките неистомисленици. Одлуката на Апелациониот суд е целосно незаконска и претставува правен преседан и е во спротивност на член 12 став 2 од  Законот за кривична постапка, каде се цитира дека доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдено со Уставот на Република Македонија и  и меѓународните договори, не можат да бидат користени како докази во постапка и врз основа на истите не може и не смее да се заснова судска одлука“, истакна Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Судиите од Апелациониот суд, додаде тој, најверојатно исплашени од политичките закани на СДС и Зоран Заев кои во изминатииот период ги упатуваа кон правосудните органи со заканата за генерален реизбор на судии, решија да го стават правото на страна, да ги дерогираат постоечките закони и директно да одработат во корист на Заев за да може полесно да ги спроведува своите антидржавни политики.