Без инциденти за време на Супер купот
Шест странски државјани и осум македонски се приведени пред и за време на одржувањето на Супер купот на УЕФА во Скопје. Сите препродавале билети. Еден таксист ограбил странски државјанин. Резиме на МВР за безбедносната состојба. Таа не е нарушена...

Безбедноста на граѓаните и учесниците на суперкупот не била загрозена. Немало сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Оценка на оперативниот штаб на МВР. Приведени 14-мина, осум македонски и шест странски државјани. Регистрирано препродавање билети, продажба на шалови со натпис на екипите- учеснички и една кражба.
„Оценката која ја добив од штабот е дека деновиве, пред одржувањето на натпреварот и на денот на одржување на натпреварот, безбедноста на граѓаните и сите учесници не била загрозена и не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Приведени се 14 лица, од кои 6 странски државјани и 8 македонски државјани. Еден странски државјанин е повикан да даде исказ пред јавен обвинител, бидејќи бил купувач на билет во случај на препродажба“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
За препродавање на билети, кривичина пријава за недозволена трговија, заработија двајца Англичани, Србин и двајца Македонци.
Вработен во Агенцијата за разузнавање не дозволил претрес на влез во стадионот, за што попречил службено лице во вршењето на должноста.
Настрадал и Британец. Таксист кој го превезувал му украл 400 евра и златен ланец. Полицијата трага по него.
Оперативниот штаб на МВР ангажираше 2.600 полициски службеници кои беа задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена, околу стадион и фан-зоните.
Наташа Гркова- Петрушевска
