Разрешувањето на Зврлевски на пленарна седница
Разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски во период на распишани избори е спротивно на Изборниот законик, вели опозицијата. Претседателот на Собранието Џафери смета– дискусијата може да продолжи. Откако Џафери не му даде процедурално право на збор на пратеникот Антонијо Милошоски и го повика собраниското обезбедување да го отстрани од говорницата, опозицијата реагираше во негова одбрана...

Не може да се разрешуваат и назначуваат функционери во период кога се распишани избори. Повикувајќи се на изборниот законик и на регулативата за спречување на корупцијата, опозицијата побара Собранието да не дискутира за смена на државниот обвинител Марко Зврлевски.
„Од денот на донесување одлука за распишување на избори, до завршување на изборот, постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори на државна управа и на други државни институции, освен во случаи кога нивниот мандат е завршен што не е случај во конкретната состојба“, изјави Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Спикерот Џафери оцени - дискусијата е законска и може да продолжи по што даде збор на пратеничката Авировиќ. Но, наместо неа, на говорницата излезе пратеникот Милошоски кој беше предупреден да се врати во пратеничкото место. Откако Џафери побара асистенција од обезбедувањето, реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во заштита на Милошоски.
„Антонијо Милошоски не сте добиле збор одете на место. Обезбедување, да се воспостави ред“, рече спикерот Џафери.
За да се смири состојбата Џафери даде куса пауза, а потоа побара и од пратениците да го почитуваат редот во законодавниот дом.
„Моето укажување за тоа дека не добил збор и дека треба да ја напушти говорницата, пратениците ја узурпираа говорницата и со тоа ја попречуваат работата“, изјави Џафери.
„Антонијо Милошоски не ја узурпира говорницата. Ако овде некој узурпира говорница тоа е Талат Џафери. Не може Талат Џафери да оценува кој Координатор кога ќе побара процедурално. Тоа е слобода дадена со Деловникот и тоа право треба да се почитува“, изјави Милошоски.
„Ние ниту посакуваме инцидент, ниту ни одговара инцидент во Собранието. Единствен на којшто му одговара инцидент е Талат Џафери, затоа што тој го заборавил членот 8а од Изборниот законик и сега се обидува на нас да ја префрли својата лична одговорност. Лична одговорност на Талат Џафери е тоа што Зврлевски не може да биде разрешен во овој момент, затоа што разрешувањето ќе биде спротивно на Изборниот законик“, додаде Димовски.
Димовски побара Собранието да разгледува други точки важни за граѓаните, додека антикорупциска не се произнесе за легалитетот на седницата посветена на Зврлевски.
Анита Димитријевска
