Пофални зборови за Македонија: Скопје- фантастичен домаќин на Супер купот
УЕФА со пофални зборови за Македонија- Скопје беше фантастичен домаќин на Супер купот. И надлежните задоволни од организацијата и од промоцијата на земјава. Пресметале- бенефитот за градот е речиси 20 милиони евра...

„Благодариме, Скопје. Фантастичен домаќин на Супер купот во 2017 година“, твитна УЕФА после натпреварот на „кралевите“ и „црвените ѓаволи“ на националната арена во Скопје.
Ваквата оценка со УЕФА ја сподели и Фудбалската федерација на Македонија. Одличната организација, целосната посветеност на јавните претрпијатија и на МВР, придонесоа за спектакуларноста на настанот како и за впечатоците со кои си заминаа гостите и посетителите.
„Имавме извонредна организација. Тоа беше потврдено и од челниците на светската и на европската фудбалска организација, кои како наши гости беа дојдени, поради тоа што веќе ни ја имаа укажано довербата дека сме зрели тоа да го направиме“, рече генераниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Бенефитот за градот од организирањето на овој планетарен настан е близу 20 милиони евра. Корист имале и институциите и угостителите и трговците, вели градоначалникот Трајановски. Посетителите биле одушевени не само од фан зоните, туку и од церемониите на отворањето на спектаклот.
„На неутралната фан зона поминале 100.000 луѓе, иако бројката можеби е поголема. Бенефитот на Скопје е и тоа што покрај фудбалот, градот станува туристичка дестинација. Има многу луѓе кои велат - дојдовме за Супер купот, но следниот пат ќе дојдеме за Скопје“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Трајановски вели дека неможноста натпреварот да се проследи на видео бимот на плоштадот не зависела од градот, туку од закупецот „Пепси“.
Фиљана Кока
