Портокалова фаза: Температурата до 40 степени

10.08.2017 09:06

Прогнозите велат дека до петок ќе се задржи претежно сончево и многу топло време со натпросечни температури на воздухот. Во сабота во текот на денот ќе има зголемување на облачноста...

И денеска портокалова фаза во Македонија. Времето низ земјава ќе биде сончево и многу топло. УВ индексот ќе има вредност 9. Утринската температура ќе се движи од 14 до 22 степени, а дневната од 32 до 40 степени. Времето во Скопје ќе биде сончево и многу топло. Утринската температура ќе достигне до 20, а дневната до 40 степени, соопшти УХМР.

Прогнозите велат дека до петок ќе се задржи претежно сончево и многу топло време со натпросечни температури на воздухот. Во сабота во текот на денот ќе има зголемување на облачноста и ќе дува засилен југозападен ветер, но дневната температура се уште ќе се задржи висока. Во вечерните часови и преку ноќта кон недела ќе има врнежи од дожд и грмежи, а најобилни врнежите се очекува да бидат во североисточните делови.

Во недела ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура значително ќе се намали, на места и за повеќе од 10 степени во однос на сегашната. Од понеделник ќе биде стабилно со постепен пораст на дневната температура, но во рамките на просекот за овој период од годината.

Од Министерството за здравство информираат дека препораките за заштита од топлотниот бран сѐ уште се во сила.

Од ресорот посочуваат дека од работни обврски треба да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 години. Работодавачите, пак, треба да го реорганизираат работното време за да се избегнат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

На хронично болните им се препорачува редовно да ја земат препишаната терапија и при појава на каков било здравствен проблем да се јават на лекар.