Активни повеќе пожари низ Македонија
Високите температури кои треба да потраат до недела ги спречуваат напорите на противпожарните единици за справување со огнените стихии. Пожарот околу манастирот Трескавец е изгаснат.

Локализирани но не и изгаснати, горат неколку пожари во земјава. Во општините Чашка, Македонски Брод, Петровец. Во Брод веќе изгореа околу пет илјади хектари површина под шума. Се смета дека за обновата на шумскиот фонд се потребни од 30 до 50 години.
Помош на Македонија и пристигнува од Бугарија, Турција и два авиони од Израел. Високите температури кои треба да потраат до недела ги спречуваат напорите на противпожарните единици за справување со огнените стихии.
Пожарот околу манастирот Трескавец е изгаснат. Стотина доброволци заедно со пожарникарите до раните утрински часови ја гаснеа огнената стихија. Во моментов 70-ина луѓе внимаваат да не се обнови жариштето.
Во Прилепско, како што информираат од противпожарната единица, се активни два големи пожари. Неколку дена беснее огнената стихија околу прилепското село Никодин. Зафатени се 250 хектари дабова и букова шума. Се очекуваат канадери од Дирекцијата за заштита и спасување.
Горат и 150 хектари мешана шума кај мариовските села Бонче и Крушевица.
