Почна бербата на трпезното грозје
Почна бербата на трпезните сорти грозје. Лозарите засега се задоволни од продажната цена која се движи од 50 до 60 денари за килограм, а се надеваат дека и оваа година ќе нема проблеми со пласманот. За винското грозје пак, бараат зголемување на откупната цена поради штетите од временските неприлики кои го намалија родот.

Производителите на винските сорти грозје бараат откупната цена за килограм да биде 17 денари за вранецот и 16 за смедеревката, а договорите да се склучуваат пред бербата која треба да почне за еден месец.
Од пролетниотните мразеви според лозарите се уништени скоро 70 проценти од родот, особено во кавадаречкиот регион и сметаат дека треба побрзо да бидат обесштетени.
Дополнително и жешкиот бран направи уште поголеми штети особено во регионите каде што нема системи и можности за наводнување.
Во Македонија има 48.000 лозари кои заработуваат од производство на грозје. Од вкупната обработлива површина во земјава, пет проценти се лозови насади или вкупно 23.000 хектари.
Најголемиот број се во кавадаречкиот и во неготинскиот регион.
Методија Трајков
