Денеска подарете книга
На 14 февруари во светот се подаруваат книги на оние што допрва треба да го напуштат детството и да станат возрасни, и токму за тоа патување треба да ги понесат искуствата на јунаците што се раскажани во книгите...

Книга, царството каде што невозможното станува возможно. Просторот каде што за фантазијата нема точка. Место каде што нечие друго искуство само ќе ве подучи и никој нема да ве повреди. А радоста пак што се се бранува помеѓу буквите ќе биде само ваша никој не може да ви ја одзема. Книга, најубавото училиште како од дете се станува човек. Не постои ден што не е непримерен за дарување книга. Но денеска во светот е посебен ден ако сакате на книгата да и дадете важност. На 14 февруари во светот се подаруваат книги на оние што допрва треба да го напуштат детството и да станат возрасни, и токму за тоа патување треба да ги понесат искуствата на јунаците што се раскажани во книгите. Денеска, нека знаат сите или пак никој и не мора да знае треба да им подариме книга на оние што не можат да си ја купат. Едно книгоиздателство со сите сили се труди овој меѓународен ден на дарување книга да стане корисна практика и во Македонија.
„14-ти февруари, Меѓународен ден на дарување книги, ова е иницијатива која во светот почна во 2012-та година и веќе наредната година беше поддржана од 36 земји што доста импозантно како бројка. Нашата куќа ја негува културата на читање“, вели Александра Јуруковска од издавачка куќа од Скопје.
Да, книгите можете да ги оставите на оние места каде што мислите дека ќе поминат детските стапки, можете да го повикате целото маало да ве поддржи во остварувањето на идејата, но дури и доколку сте осамениот Дон Кихот една подарена книга ќе ви го исполни срцето со поразлични чувства од тагата .
„Оваа иницијатива е масовно прифатена зашто ги допира обичните луѓе“, дополнува Јуруковска
Книгите кои ќе ги подарите можете да ги обележите со специјално дизајнирани ознаки. Можете да го отпечатите разделникот за книги и да го ставете го во книгите кои планирате да ги подарите. денот на драрување книга не е ограничен со ништо, се што може чинот на дарување книга да го направи поубав е добредојдено.
Елизабета Мемиќ
