Протести и контрапротести во САД по маршот на неонацистите во Вирџинија

14.08.2017 13:23

Протести и контрапротести во САД откако маршот на неонацистите во Вирџинија заврши со жртви и повредени. Белата куќа ја правда реакцијата на претседателот Трамп, кој според опонентите, не бил доволно остар и критичен кон ултрадесничарите...

По насилствата на маршот на неонацистите во Шарлотсвил, протести против расизмот беа организирани во повеќе градови во САД. Полицијата на неколку локации се судри со групите, а има и уапсени. Граѓаните се незадоволни од ширењето на фашизмот и расната омраза, но и од односот на претседателот Трамп чијашто политика, според нив, ја охрабрува идејата за надмоќ на белата раса.

 Дел од медиумите известуваат дека посилна порака и критика пратила неговата ќерка Иванка која на Твитер напиша: „Во општеството не треба да има место за расизам, надмоќ на белата раса и неонацизмот“. Од Белата куќа возвратија: осудата на претседателот Трамп за инцидентите во Вирџинија ги опфаќа и групите кои шират идеологија за надмоќ на белата раса.

„Постојат демагози и деспоти коишто ќе го користат нашиот бес и ќе го скараат народот поради разлика во расната, верската или националната припадност. За да ги победиме фашизмот и надмоќта на белата раса, постои една вечна вистина. Потребно е да се усвои концизна политика за социјална и економска правда којашто мораме да ја пропагираме и ние, што е можно повеќе.“

Уште од април, ултрадесничарите во Шарлотсвил одржуваат протести, незадоволни од предлогот да се отстрани споменикот на генерал Ли кој се борел за робовладетелство во Конфедерацијата за време на Граѓанската војна на САД.  

Во насилствата за време на маршот „Обединете ја Десницата“ загина жена, а 19 беа повредени откако автомобил удри во група луѓе. Протестите продолжуваат и денеска.

Маја Филдишев