Димовски ја презема функцијата претседател на ССМ
Кој е првиот синдикалец во земјава? Новиот претседател Димовски тврди- договорено е примопредавање на функцијата со Митрески. Тој, пак, вели во Централниот регистар е запишан Димовски, иако се уште течат роковите за жалба. Обвинувањата и натаму продолжуваат. Првиот за недоверба кај членството, а другиот за вмешаност на бизнисот во синдикалните работи...

Дарко Димовски денеска официјално ја презема функцијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Димовски на прес-конференција објави дека Централниот регистар го спровел решението на Министерствто за труд и социјална политика со кое тој е овластено лице за застапување на ССМ.
Од денес започнува ново поглавје на синдикализмот во Македонија со кое ќе се врати достоинството на работниците и сите работници без разлика дали се или не се членови на ССМ ќе можат да ги остварат своите права, рече Димовски, потенцирајќи дека чекал десет месеци Централниот регистар да го спроведе решението на МТСП.
Официјалното примопредавање со досегашниот претседател на ССМ Живко Митревски, како што информира Димовски, е договорено за 15 часот попладне.
Во ССМ изутрина официјалниот документ од Централниот регистар Димовски му го покажал на Митревски во присуство на полиција. Новото раководство на ССМ побарало асистенција од полицијата поради, како што објасни Пецо Грујовски од Синдикатот на УПОЗ, присуство на обезбедување на Митревски и пружањето мал отпор по којшто била констатирана фактичката состојба и договорено примопредавање.
Прв чекор на новиот претседател на ССМ, како што беше најавено, ќе биде свикување вонреден конгрес, како и доставување платформа до МТСП со која, како што најави, меѓудругото ќе се бара примена на колективните договори и на Законот за работни односи, што отсуствувало во изминатиот период.
