Маратонска расправа за разрешување на Зврлевски
Во Собранието, продолжи маратонот за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлевски. Мнозинството се откажа од дискусијата со образложение дека сакаат расправата за оваа точка што поскоро да заврши. Опозицијата им забележа дека дека бегаат од дебата за, според нив, суштински прашања за државата...

Мнозинството се откажа од дискусијата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Причина – пратениците сакаат што поскоро да заврши расправата за оваа точка.
„Сите се откажавме од нашите дискусии за час поскоро да заврши оваа рашомонијата, ова бурлеска околу законското и легално разрешување на државниот јавен обвинител“, изјави Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.
Колегите од ВМРО-ДПМНЕ, пак, им забележаа дека бегаат од дебата и за Законот за јазиците, договорот со Бугарија, Стратегијата за бегалци, пожарите, проблемот со струшката депонија.
„Не се откажаа од идејата да го понижат македонскиот јазик, од идејата да носат андридржавен закон за јазиците. Оттука, грижата само ги покрива штетните политики на СДСМ“, рече Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ, како и претседателот на Собранието, побараа фокусот да остане на точката за разрешување на Зврлевски.
„Од 7 август до 12 август, на 8 говорници има 200 апликанти, тоа значи целодневна работа на Собранието. На секој говорник има по 20 реплики кои немаат врска со дискусијата“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.
„Вие три недели рецитиравте или молчевте и велевте оти е тоа ваше деловничко право“, возврати Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
И на десеттото продолжение на собраниската седница за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски останаа различните ставови во однос на тоа дали се прекршува Изборниот законик, бидејќи локалните веќе се распишани.
„Лично Талат Џафери на 6 август ги распиша изборите, па до завршувањето на 15 октомври и на втортиот круг на 29 октомври, оваа постапка е незаконска“, изјави Горан Манојлоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние не разговараме за отпуштање од работа на господинот Зврлевски или за прекин на неговиот работен однос. Ние зборуваме за овој јавен функционер, избран од Собранието. Тој нема да биде отпуштен од работа, туку ќе престане да биде државен јавен обвинител“, рече Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.
Предлогот за разрешување на државниот обвинител Зврлевски го поднесе Владата поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Опозицијата го оцени барањето како неосновано.
Мартин Пушевски
