Пожарите во Македонски Брод и Кондово згаснати, гори во Струшко и Кичевско
Почна проценката од воздух за опожарените површини во земјава. Во околината на Македонски Брод и скопско Кондово пожарите згаснати. Се уште гори во Струшко и во Кичевско...

Изгаснати се пожарите во Македонски Брод каде беше прогласена кризна состојба информираат од ЦУК. Во Чашка, локализиран е кај Јасеновска Глава, од страната на село Попадија, а ставен е под контрола и пожарот кај Богомилскиот тунел. Пожарот во Кондово сосема изгасен. Во најголем дел на територијата се изгасени или ставени под контрола. Се гасат во Кичевско и Струшко.
Се уште во сила е мерката забрана за движење низ шумите. Од воздух се набљудува и проценува состојбата од пожарите. На терен се вршат и засилени контроли. Досега во ЦУК нема информација за опожарени објекти. Оттука информираат дека за проценка на штети има два начина.
Министерот за земјоделство очекува утре да се знае колкава површина шуми се оштетени од пожарите што ја зафатија Македонија. Нагласи дека опожарената дрвна маса нема да се става во промет и ќе биде под строга контрола.
Најави во идниот буџет зголемување на средствата за заштита на шумите од сегашните 7 милиони денари на 35 милиони денари.
Наташа Гркова- Петрушевска
