Полицаецот кој повреди двајца малолетници ќе одговара за обид за убиство
Јавното обвинителство со наредба за спроведување истражна постапка против полицаецот кој повреди двајца малолетници со истрел од службениот пиштол во струмица. Осомничен е за убиство во обид. Се огласи независниот полициски синдикат - бараат преиначување на делото...

Полицаецот што пукаше во момчињата во Струмица ќе одговара за обид за убиство. Јавното обвинителство отвори истрага. За да се комплетира случајот, се чека МВР да ги заврши балистичките вештачења, анализите на трагите од барутни честички и на оние подигнати од местото на инцидентот. Се анализираат и примероци од крв и урина на учесниците, како и парафински ракавици.
„Со оглед на тоа што веќе се сослушани сведоците и се прибрани материјалните докази во постапката, за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост– забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Од независниот полициски синдикат кадешто членувал и осомничениот побараа обвинителството целосно да го истражи случајот со цел, како што велат, да се утврди навистина што се случило. Според нив, кривичното дело треба да се преквалификува.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа министерот Спасовски да си поднесе оставка од морални причини. Од владејачката партија одговараат: ВМРО-ДПМНЕ 11 години го злоупотребуваше Министерството и полицијата во пресметките со неистомислениците.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот што повеќе нема МВРО-ВМРО, што повеќе нема сокривање и бегање од одговорност. Напротив, МВР денес работи професионално, отчетно и ефикасно и секој оној кој постапувал незаконски ќе понесе одговорност без разлика на неговата етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност, што се докажа и со експресното расветлување на случајот во Струмица“- се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз.
Внатрешната контрола на МВР по проверките утврди дека полицаецот од Струмица неосновано го употребил пиштолот поради што против него поведе дисциплинска постапка.
Анита Димитријевска
