ССМ со ново раководство
Завршија докажувањата- кој е кој, во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Дарко Димовски на местото на Живко Митревски, кој не се појави на примопредавањето. Имаше зголемено присуство на полицијата. Дел од синдикатите бараат вонреден конгрес...

Дарко Димовски влезе во Сојузот на синдикатите, покажа документ од Централниот регистар во кој е запишано неговото име за претседател на ССМ. Вели, почнува ново поглавје на синдикализмот во земјава кое ќе го врати достоинството на работниците.
Иако најавено, попладнево немаше официјално примопредавање на функцијата.
Изутринава, при влезот во зградата на синдикатите, новото раководство побара асистенција од полицијата за да седне во фотелјата. Во метежот, скршено стакло на влезната врата.
Поранешниот претседател Живко Митревски повторно ја оспори промената на раководството, најави тужби за сите кои ги прекршиле законите и постапките во ССМ.
Димовски доби поддршка и од другите синдикати. Велат, приоритет ќе биде примена на колективните договори и на Законот за работни односи, што отсуствувало во изминатиов период. Ќе се залагаат и за побрзо решавање на судските спорови, нема да дозволат државата да се меша во синдикалните работи.
Од полицискиот синдикат преку соопштение велат дека ќе ги почитуваат актите на државните органи, но побараа да се одржи вонреден конгрес на ССМ со цел избор на претседател со полн синдикален легимитет, но и надминување на синдикалното неединство.
Централниот регистрар, пак, соопшти дека е извршена промената на овластено лице кое ќе го застапува сојузот.
Андријана Атанасовска
