Заврши жетвата на пченицата, сушата го зеде данокот

15.08.2017 10:19

Владата со дополнителни субвенции за стабилизирање на пазарот со пченица. На крајот од жетвата, сушата и жешкото време годинава однесоа голем дел од родот. Комбајните од житните полиња ожнеаа за 40 проценти помали приноси од лани. Во просек по 2,3 тони по хектар или по еден тон помалку од собраното минатото лето.

Жетвата на пченицата заврши. Сушата и жештините го зедоа данокот па годинава и приносите во поголемиот дел од регионите се драстично помали, или во просек  помалку за 1.000 килограми по хектар од лани.

Приносите се движат од минимални 500 килограми по хектар во Кавадарци, 900 во Штип, 1.100 во Неготино и 1.300 килограми во Свети Николе. Највисоки просечни приноси има во Битола, 4.000, во Тетово 3.500 и во Скопје, 2.200 килограми од хектар.

Поради нарушување на домашниот пазар на пченица земјоделците ќе добиваат и дополнителни 6.000 денари за хектар или 2 милиона евра повеќе од досегашните субвенции. Ќе земат и дополнителен еден денар за килограм јачмен, предаден кај регистрираните откупувачи. Истовремено и на градинарите им следуваат плус 10 проценти од висината на досегашните субвенции.

Годишните потреби од пченица на Македонија се 300.000 тони, а годинава ќе недостигаат 110.000 тони кои ќе треба да се купат на странските берзи.

 

Методија Трајков