Полицијата трага по убиецот на Дилавер Бојку- Леку
Според полицијата, во непосредна близина на Леку се приближило засега непознато машко лице кое, во правец на главата му вперил пиштол и испукал еден проектил нанесувајќи му огнострелни повреди во пределот на темпоралната регија од левата и десната страна. Потоа напаѓачот со трчање го напуштил ресторанот...

СВР - Охрид и Полициската станица во Струга преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на убецот на контроверзниот бизнисмен и поранешен осуденик за организирање проституција, Дилавер Бојку- Леку (55) од струшкото село Велешта.
Како што соопшти полицијата, убиството било извршено вчера во 16:30 часот во неговиот ресторан „Аква блу“ во Струга. Со повреди од огнено оружје се здобил Бојку, кој во бесвесна состојба бил пренесен на хируршкото одделение на Општата болница во Струга, каде по неуспешна реанимација била констатирана смрт.
На место на настанот е извршен криминалистичко- технички увид предводен од Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство- Струга во содејство со полициски екипи. Притоа, констатирано е дека казненото дело е сторено на терасата од ресторантот „Аква блу“ каде седел убиениот Бојку.
Според полицијата, во негова непосредна близина се приближило засега непознато машко лице кое, во правец на главата му вперил пиштол и испукал еден проектил нанесувајќи му огнострелни повреди во пределот на темпоралната регија од левата и десната страна. Потоа напаѓачот со трчање го напуштил ресторанот бегајќи кон улица „Партизанска“. Со цел да го фатат и задржат сторителот, по него се упатиле две лица, но се откажале од намерата откако напаѓачот се завртел и кон нив испукал два проектили.
По наредба на јавен обвинител врз телото на убиениот ќе биде извршена обдукција.
