Полицијата трага по убиецот на Леку

15.08.2017 12:56

Се трага по убиецот на Дилавер Бојку- Леку. МВР и обвинителството излегоа со детали за настанот. Поранешниот осуденик за трговија со луѓе бил застрелан во главата. Истрагата е во тек...

Името на убиецот на Дилавер Бојку – Леку засега не му е познато на струшкото обвинителство. Истрагата треба да открие кои биле причините некој со куршум да му пресуди среде бел ден. Форензичарите извршиле истрага на местото на убиството и подигнале траги кои по вештачењето треба да и помогнат на полициската оператива да дојде до извршителот.

Засега е познато дека поранешниот осуденик за трговија со луѓе бил застрелан во главата пред очите на гостите во ресторанот Аква Блу во Струга на кој бил сопственик. Околу 16 часот и 30 минути, според МВР, непознат маж се качил на терасата од локалот кадешто седел Бојку, се приближил до него и со еден куршум го застрелал во слепочницата, по што избегал кон улицата „Партизанска“.

Двајца од гостите, сведоци на убиството, истрчале да го фатат, но се откажале откако убиецот и кон нив почнал да пука. Во бесознание Бојку бил пренесен во струшката болница. Починал на хируршката маса, откако лекарите и покрај укажана реанимација не успеале да го спасат.

55- годишниот Бојку важеше за балкански крал на проституцијата. До 2001-та година против него беа поднесени 17 кривични пријави за посредување при проституција. Полицијата го откри, по што судот во 2003-тата му изрече шестмесечна робија за трговија со луѓе, но Бојку набрзо избега од струшкиот затвор.

Своевремено, и ФБИ се заинтересира за случајот по што САД распишаа награда од 10 илјади долари за оној кој ќе обезбеди информација за локацијата кадешто се крие. Две недели по бегството, Бојку беше уапсен во Улцињ и екстрадиран во Македонија. Битолскиот суд го осуди на четири години затвор за посредување во проституција.

Струшкиот бос во 2007-та излезе од затвор, но две години подоцна, заедно со син му беа уапсени откако со нож нападнаа полицаец.

Анита Димитријевска