Пјонгјанг разгледува опции за напад врз Гуам

15.08.2017 13:24

Војската на Северна Кореја му достави на Ким Јонг Ун план за напад врз Гуам. Жителите на пацифичкиот остров здивнаа откако Ппјонгјанг најави пауза додека ги разгледува алтернативите. Пентагон бара дипломатско решение за кризата, но предупреди дека вербалната војна ќе прерасне во вооружена пресметка со последици на глобално ниво. Европската унија побара итно решение на кризата по мирен пат...

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги разгледува предлозите поднесени од неговата армија за стратешки напад врз островот Гуам. Анализата на понудените опции, значи и пауза во спроведувањето на каква било воена активност,  така што жителите на оваа американска територија во Пацификот се надеваат дека најавата за ракетно лансирање од непредвидливиот лидер на Северна Кореја можеби нема да се реализира.

„Задоволни сме што Ким Јонг Ун ги разгледува плановите и што не презема никаков чекор кој би ја загрозил безбедноста на Гуам. Не постојат индикации дека ќе бидеме нападнати, барем не од она што го слушнавме. Реториката се смирува. Никој не сака судир, ова е мирно место, со развиен туризам и сакаме да продолжиме во таа насока“, изјави Реј Тенорио,  вицегувернер.

Откако прочитав се и сешто за овој човек, верувам дека е способен за напад. Добро е за него што реши да не презема ништо, но ако се премисли, подготвени сме. Нашата војска и народот ќе го штитат островот“, вели жителка на Гуам.

„Сите сме напнати поради актуелната ситуација. Живееме во страв, но мора да продолжиме, се обидуваме да живееме нормално.“

Поради заканите, Пјонгјанг и Вашингтон почнаа вербална војна, којашто според американскиот министер за одбрана Џејмс Метис, може лесно да се претвори во вооружен конфликт. Топката ја смирува претседателот на Јужна Кореја Мун Џе-Ин. На одбележувањето од 72-та годишнина од ослободувањето од владеењето на Јапонија, побара дијалог со северниот сосед.

„Воената акција на Корејскиот полуостров се случува само со одлука од Јужна Кореја. Ниту една друга страна не може да спроведе таква аквија без согласност од нашата земја“, изјави Мун Џе-Ин, претседател на Јужна Кореја.

Кризата на Кореја беше во фокусот и на свеченоста во Јапонија за одбележување на крајот на Втората светска војна.

„Во телефонски разговор со претседателот Трамп, разменивме мислења за ситуацијата во Северна Кореја. Најавата од Пјонгјанг за лансирање на балистички ракети кон Гуам ја зголемија тензијата во регионот до досега невидени размери. Силно ја поддржувам посветеноста на претседателот Трамп за безбедноста на сите сојузници“, изјави премиерот на Јапонија, Шинѕо Абе.

Антагонизмот и нетрпеливоста кон Пјонгјанг се до точка на вриење поради континуираниот развој и усовршување на нуклеарно оружје. Покрај петте проби, лансираа и две интерконтинентални балистички ракети со голем дострел, а создадоа и нуклеарна боева глава која може да се монтира во проектилите. ОН одобрија нови економски санкции за намалување на севернокорејскиот извоз за третина. Но тоа само дополнително ја влоши вербалната пресметка со Вашингтон.

 

Маја Филдишев