ВМРО-ДПМНЕ: Танец не смее да биде жртва на политиката на СДСМ

15.08.2017 13:31

СДСМ си поигрува со институцијата која имала бројни настапи во Македонија и во Светот и е една од најстарите од ваков вид во земјава, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ...

Поставувањето на Стојанче Павловски за в.д. директор на ансамблот „Танец” е уште еден доказ за хаосот и партизацијата што ги создава Социјалдемократскиот сојуз, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат СДСМ си поигрува со институцијата која имала бројни настапи во Македонија и во Светот и е една од најстарите од ваков вид во земјава.

„Павловски е човек со завршено средно градежно образование, кој е поставен само затоа што е политички подобен за Заев и Алаѓозовски. Неговото именување покажува колкав е интересот на СДС и Алаѓозовски за македоноската култура и оваа државна институција која е најголем репрезент на Република Македонија во странство. Павловски, доаѓа на местото на Зоран Џорлев, докажан уметник, професионалец и афирматор на македонската култура, фолклор и музика“, истакна Владимир Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека СДСМ врши вистински масакар во културата и културните установи, немилосрдно уништувајќи ги симболите на Македонија како што е институцијата „Танец“.