Собрание

Седницата за Зврлевски без учество на мнозинството

15.08.2017 15:04

Реплики и контрареплики меѓу пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Опозицијата не се согласува дека Зврлевски незаконито, ненавремено и недоволно стручно ја извршувал функцијата. Се повика на неговата биографија. Мнозинството не учествува во расправата...

Маратонска седница со реплики и контрареплики меѓу опозицијата за разрешување на републичкиот обвинител. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со владиниот предлог, според кој Зврлевски незаконито, ненавремено и недоволно стручно ја извршувал функцијата. Пратениците се повикаа на неговата биографија.

„Има богато работно искуство со кое придонесува и може уште да придонесе за спроведување на реформските процеси во Обвинителството. Обвинувањата за непостапување се паушални и политички мотивирани“, изјави Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата побара Јавниот обвинител да се избира со двотретинско мнозинство. Укажа дека мандатот му е шест, а не четири години за да остане имун на политичките притисоци.

„Секој обид за промена на носители на функции е класична политика. Не случајно Уставот предвидел подолги мандати“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Собранието предупредуваше, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ говореа и на други теми, како задолжувањето од речиси 44 милиони евра. Пратеникот Стевананџија го рецитираше и „Тешкото“ за да укаже на состојбите во културата.  Избраниците од ГРОМ, пак, гледаат криза во функционирањето на Собранието.

„Воопшто не се реагира за кризата, луѓето се изморени и презаситени. Ние ја репродуцираме кризата, како на политиката да и одговара оваа криза во Собранието“, изјави Панчо Минов од ГРОМ.

Мнозинството не учествува во расправата. Пратеничката Фросина Ташевска – Ременски бара пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат работата на Собранието за да може да поминат законските решенија за минималната плата и за стечајците.

„Разрешувањето на Државниот јавен обвинител нема да трае до недоглед. Очекуваме неделава Марко Зврлевски да биде разрешен во Собранието. Ние се откажуваме од нашите реплики и дискусии поради потребата да се прејде кон приоритетните теми за граѓаните, наспроти обидот на опозицијата да ја користат говорницата за сè, освен за темата на дискусија за разрешување на Зврлевски“, изјави Фросина Ташевска– Ременски од СДСМ.

За пратениците од СДСМ, постапката за разрешување на Зврлевски е легална.

 

Мартин Пушевски