Трамп ги обвини двете страни за Шарлотсвил
Челникот на Белата Куќа со нова изјава за расизмот во САД. Покрај револтираните граѓани, на коментарите реагираа и неколкумина Републиканци. Во Њујорк беше одржан протест против неговата антимигрантска политика.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги обвини двете страни во насилствата во Шарлотсвил, Вирџинија. Во последното соопштение, по лавината критики за не толку строгата осуда на улстрадесничарите, Трамп ги осуди неонацистите, а потоа во Њујорк изјави повторно дека и поддржувачите на левицата се одговорни за нередите.
„Во групата имаше луѓе кои сакаа мирен протест кои имаа дозвола за тоа, а имаше и друга група без дозвола, па морам да кажам дека постојат две страни на приказната која е ужасен момент за нашата земја. Сега се менува историјата, се менува културата. Ги осудив неонацистите, како и многу други групи. Расизмот е проблем кој трае долго. Прашајте го претседателот Обама, тој ќе дава изјави на оваа тема“- рече Трамп.
Незадоволни граѓани се собраа пред кулата на Трамп во Њујорк, оддавајќи и почит на жртвата од протестите во Вирџинија кога автомобил влета во толпата. Напаѓачот бил следбеник на идеологијата на Хитлер и член на движењата за надмоќ на белата раса. Маршот на ултрадесничарите беше организиран поради предлогот за отстранување на споменик од конфедерацијата.
„Сочувство до сите кои беа во првите редови во борбата против омразата и насилството од екстремистите. Ова е наш град. Антиимигрантската политика на Доналд Трамп и на Џеф Сешнс и нивната реторика се полни со расизам.“
Во меѓувреме, поранешниот американски претседател Барак Обама се огласи на Твитер со цитат од Нелсон Мандела. Вели: Никој не се раѓа со омраза кон другите поради бојата на кожата, потеклото или верата.
Маја Филдишев
