Продолжува маратонската седница за разрешување на Зврлевски
Продолжи маратонската собраниска седница за разрешување на републичкиот обвинител. Опозицијата се повика на мислење на Антикорупциска дека пред избори не смее да има именувања и разрешувања. Бара наследникот на Марко Зврлевски да се избере со двотретинско мнозинство. За СДСМ, чиишто пратеници не учествуваат во расправата, нема законска пречка за разрешување на Зврлевски...

Антикорупциската комисија испрати мислење до претседателот на Собранието, Талат Џафери и до групата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои бараа да реши дали по распишувањето на локалните избори треба да продолжи почнатата постапка во Законодавниот дом за разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски.
Велат дека комисијата едногласно решила дека разрешувањето во предизборен период е во спротивност со законот, а таа одлука, како што стои во дописот, ја базирале на претходни одлуки на барање институции, кои барале мислење за разрешувања на функционери во предизборен период.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, врз база на мислењето на Антикорупциска комисија беспредметно е да се води дискусија за смена на државниот обвинител.
Од парламентарното мнозинство сметаат дека оваа постапка за смена на државниот обвинител е почната пред распишувањето на изборите и затоа нема никаква законска пречка, зашто овие ограничувања во Изборниот законик не се однесуваат за прашања кои се во надлежност на Законодавниот дом.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, во неколку наврати се изјасни дека мислењето на Комисијата нема да влијание врз работата на Собранието. Тој смета дека ако некои пратеници имаат дилема, според собранискиот деловник може да побараат автентично толкување на Изборниот законик и оти Антикорупциската комисија е сервис на извршната власт, а не на законодавната.
Игор Панов
