По критиките во јавноста, Лешоски и Зиков се повлекоа од функциите
По жестоките критики во јавноста, поетот Дарко Лешоски се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. И новинарот и бизнисмен Љупчо Зиков се повлече од новата функција во МЕПСО...

„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата“- на една седмица пред отварањето, фестивалот остана без претседател на Управниот одбор откако новоназначениот, Дарко Лешоски, си даде оставка. Во образложението стои дека одлуката е поради лавината реакции по социјалните мрежи и дека тој останува отворен за каква било помош во однос на организацијата иако нема да биде на таа функција.
На брифинг со новинарите, министерот Алаѓозовски рече дека жали за одлуката на Лешоски, но дека тој постапил доблесно по притисокот на јавноста. Рече дека сега се разгледува кој би можел да биде поставен на претседателското место. Потенцираше дека се водат од критериумите да е од локалната заедница, да е поет и да знае да менаџира.
Дека одржувањето на фестивалот не е загрозен по новонастанатата ситуација, во телефонски разговор потврди и директорот Мите Стефоски, кој рече оти ќе се обиде целата програма да се реализира според предвиденото.
Од Министерството за култура реагираа и за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека на директорското место во „Танец“ бил поставен човек со средно градежно училиште. Оттаму сметаат дека не постои факултет за играорци и дека Стојанче Павловски е избран за вршител на должност како докажан кадар кој долги години бил првенец во друштвото.
Во низата откажување од функции е и одлуката на Љупчо Зиков, кој на социјалните мрежи истакна дека се откажува од директорската позиција во МЕПСО поради, како што вели, многубројните пораки кои ги добил со навреди и критики за него и неговото семејство.
Катерина Топалова
