Собранието треба да гласа за разрешување на Зврлевски

17.08.2017 08:38

Собранието треба да одржи продолженија на три седници, меѓу кои и на шестата седница на која се очекува да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, откако вчера заврши расправата по оваа точка...

Собранието на Република Македонија денеска треба да одржи продолженија на три седници, меѓу кои и на шестата седница на која се очекува да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, откако вчера заврши расправата по оваа точка.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на вчерашното продолжение на оваа седница го презентираше мислењето на Антикорупциската комисија според кое по распишување на изборите постои законска пречка за разрешување на државниот јавен обвинител, по што најави дека нивните пратеници ќе ја напушат работата на седницата по оваа точка бидејќи ја сметаат за незаконска.

Претседателот на Собранието Талат Џафери му реплицираше дека тој не побарал мислење од Комисијата за борба против корупција и оти таа неовластено се обратила до Собранието со што го прекршила Уставот и законот, односно Деловникот. Според него, Собранието е највисок законодавен орган во РМ, а Антикорупциската комисија како орган кој е избран од ова Собрание не може да биде контролор на Собранието. По ова тој ја продолжи седницата и откако констатира дека е исцрпена листата на говорници ја заврши расправата по оваа точка и ја прекина седницата.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед, стои, меѓу другото, во предлог-текстот.