Финансиска помош за млади земјоделци
На младите земјоделци кои сакаат да почнат сопствен бизнис државата ќе им помогне со неповратна финансиска помош до 600 илјади денари. На огласот кој трае до крајот на месецов може да се јават земјоделци до 40 годишна возраст.

Секој млад земјоделец кој почнува сопствен бизнис и кој е запишан во Единствениот регистар на земјоделски стопанства не повеќе од 18 месеци, може да побара државна финансиска поддршка до 10.000 евра.
По одобрувањето на субвенцијата, парите се исплаќаат најмногу на три рати. Право за аплицирање имаат земјоделци не постари од 40 години, за финансирање на основните средства за работа.
Добивањето на субвенцијата ќе зависи и од освоените бодови, односно од тоа каде се наоѓа стопанството и за која намена се аплицира. Најголем број бодови носат барањата за набавка на опрема за чување и складирање на производсто, за опрема за преработувачки капацитети и членството во земјоделски задруги.
Документите за аплицирање можат да се превземат од веб страницата на Платежната агенција, а се доставуваат лично или по пошта до 29-ти август, до кога трае огласот.
Досега со оваа мерка се финансирани земјоделските бизниси на 170 млади фармери.
Методија Трајков
