Беснеат пожари низ регионот и Европа
Жешкото време е непријател на напорите на противпожарните бригади да ги локализираат и згаснат огнените стихии коишто пустошат низ регионот и Европа. Гори во северна Далмација. Состојбата станува крајно критична во Португалија која побара помош од Брисел. И кај јужниот сосед регистирана серија пожари...

Се уште е активен пожарот меѓу Затон и Раслина во Хрватска. Но домовите во овие места не се во опасност. 160 пожарникари и војници се на терен. Добиваат поддршка и од 3 канадери и 2 ер-трактора. Огнената стихија уништи над 650 хектари борова шума, лозје и маслинки. Пожарот на планината Велебит се доближува до градот Обровац.
Португалија се бори со осум пожари во пет области. Мобилизирани се над 2000 лица, околу 600 возила и 26 летала.
„Ќе работиме деноноќно за да заврши овој кошмар. За жал, ова е голема област и е невозможно да гарантираме дека сите пожари ќе ги ставиме под контрола. Огнот се шири и на други локации.“
„Во почетокот на денот беше мирно. Но жештината и ветрот го распламтија огнот и сега е веќе на другата страна од браните.“
И Грција се бори со пожари во летната туристичка сезона. На Кефалонија беа евакуирани две села. Огнот уништи дел од мрежата за снабдување со електрична енергија. Две од жариштата се изгаснати. Противпожарните екипи со авиони го гаснат огнот којшто е на терен тешко пристапен за нив. Покрај вонредната состојба, Владата во Атина објави мерки за надминување на загубите од катастрофалните пожари во земјата. Мерките предвидуваат итна регистрација на штетите, сопствениците на домовите и компаниите, ослободување од данок, и изградба на хидротехнички објекти.
Маја Филдишев
