Почнаа уписите на УКИМ, слободни речиси 11.000 места
Денеска и утре се спроведуваат уписите во прва година на најстариот универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“. Вториот уписен рок е на 4-ти, третиот на 15-ти септември. Слободни се 10.818 места. Новина во конкурсот е укинувањето на дисперзираните студии.

Факултетите ги отворија вратите за средношколците. Епитетот прворангиран го наполни кампусот на УКИМ. Идните студенти ги поднесоа документите, се решија за својата идна професија. Дел сакаат да изучуваат психологија, други социологија, некои, пак, сметаат дека со економски ќе имаат добра иднина. Има речиси 11 илјади места. Новина во конкурсот е укинувањето на дисперзираните студии.
„На Филозовски факултет, социјална работа и политика. Волонтер сум во Црвениот крст повеќе години, сакам да го работам тоа.“
„На Филозофски факултет, ме привлекува психологијата, го сакам тој предмет, психологија изучував во четврта година, едноставно ме привлекува.“
„Ја избрав психологијата затоа што отсекогаш ме интересирало како функционира мозокот на човекот и ме фасцинира тоа што се учи, многу сум среќна што се запишав.“
„На Економски факултет, менаџмент, бидејќи за во иднина мислам дека работата е поубава во споредба со другите смерови.“
„На Економски, ме привлекува математиката“, велат идните студенти.
Некои од факултетите ги зголемија квотите, воведени се нови наставни програми. Продеканот за настава на Економскиот факултет вели, интересот за упис на овој факултет е голем. Очекувањата се дека во првиот уписен рок ќе бидат пополнети 80 проценти од квотите.
„Што се однесува до атрактивноста на смеровите, од она што го забележавме изутринава, речиси на сите департмани подеднаков е интересот. Оваа година новина е тоа што започнуваме со нови наставни програми, реакредитирани, надополнети со нови наставни содржини, можам да кажам дека се усогласени со содржини кои се предаваат на најпрестижните универзитети во светот“, вели проф. д-р Предраг Трпески, продекан за настава на Економскиот факултет при УКИМ.
Уписот на студенти продолжува и в петок. Вториот уписен рок на најстариот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ е на 4-ти септември. На факултетите на кои ќе има слободни места, третиот рок за упис на студенти е на 15-ти септември.
Андријана Атанасовска
