Поголема јавност при носењето на законите
Двојно повеќе ќе трае рокот за консултации при носење законски ртешенија. Од надлежното министерство велат дека целта е да се дојде до повисок квалитет на преку поголемо учество на јавноста со свои предлози. Се најавува крај на практиката на носење закони по скратена постапка...

Владата го зголемува рокот за консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи. Наместо 10, ќе трае 20 дена. Ова, како што вели министерот Дамјан Манчевски ќе придонесе за повисок квалитет на законските решенија преку поголемо учество на јавноста со своите предлози.
„Зголемувањето на рокот за консултации има цел да поттикне поголема вклученост на граѓаните и на пошироката јавност во подготовката на прописите за коишто тие самите се заинтересирани. На тој начин, креаторите на политиките ќе носат одлуки засновани на аргументи и во консултација со граѓаните. Согласно со програмата на Владата, со целосна примерна на ЕНЕР ќе се овозможи системски и отворен дијалог и со бизнис-заедницата“, изјави Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администација.
Манчевски тврди дека сите закони во редовна постапка задолжително ќе одат преку Единствениот национален електронски регистар. Најави дека ќе се стави крај на досегашната практика, голем дел од предложените закони да се филтрираат низ скратена постапка. Министерот соопшти дека во периодот од 2011 до 2016 година, над 50 проценти од законите се донесени во скратена постапка, а во 2015-та дури 70 насто.
Мартин Пушевски
