Танц наместо насилство – една милијарда се крена за правда на жените

14.02.2014 13:14

Стотина Македонки танцуваа на Градскиот плоштад во Скопје...

„Ајде да танцуваме додека земјата не загрми и додека не се активираат сите жени и мажи во светот за да речат „НЕ“ на насилството врз жената“. Ова беше мотото на глобалната мисија која се одржа во над 200 земји во светот. Стотина Македонки танцуваа на Градскиот плоштад во Скопје. Со тоа се вклучија во глобалната мисија против насилството врз жената и традиционално го одбележаа В-денот. 
 
Организаторите на настанот велат дека целта на оваа кампања е да се подигне свеста во јавноста дека насилството врз жената мора да престане. Според податоците од граѓанскиот сектор, секоја петта жена во Македонија е жртва на физичко насилство, а секоја десетта на сексуално злоупотребување. Само 23 проценти од жртвите побарале помош, додека 55 насто решиле да премолчат.
 
Движењето В-ден е најсериозно светско движење кога станува збор за превенцијата, третирањето и запирањето на насилството врз жените  со цел на креативен начин да ја подигне јавната свест за нулта толеранција за разните видови насилство, силување и трговија со бело робје. Организаторите се решиле преку танц да го спречат насилството, затоа што танцот има моќ да ја трансформира болката во чувство на слобода.
 
Моментално во Македонија се подготвува нов закон за превенција од семејно насилство кој ќе ја зајакне улогата на институциите во заштита на жртвите од насилство и со тоа ќе се овозможи побрз пристап до правдата.
 
Моника Јовановска