Шпанската полиција усмрти петмина напаѓачи во Камбрилс

18.08.2017 10:01

Шпанската полиција усмрти петмина осомничени терористи во Камбрилс, обидувајќи се да запрат уште еден напад со возило, откако во Барселона загинаа 13 луѓе, откако комби влета во нив. Возачот е во бегство...

Полицијата контролира неколку места во североисточната покраина Каталонија откако во нападот во Барселона од Исламска држава загинаа 13 лица, како и по пукотниците во приморскиот град Камбрилс, каде што се ликвидирани петмина напаѓачи кои наводно планирале втор инцидент.

Во првиот напад на улицата Ла Рамбла, во центарот на главниот каталонски град има стотици повредени. Две лица се уапсени, Мароканец и Шпанец од Мелилја, шпанска енклава во Африка. Возачот на комбито коешто влета во луѓето е во бегство. Медиумите објавија фотографија од 20-годишниот Мароканец, Дрис Окабир чиишто документи биле пронајдени во возилото. Но, постои сомнеж дека напаѓачот го украл идентитетот бидејќи во полицијата се пријавил човек со такво име којшто тврди дека му се украдени документите. Во тек е истрага.

„Полицијата ни нареди да ги затвориме рестораните. Народот е исплашен, се крие по згради, ги заклучија вратите.“

„Трчаа луѓе, но не знаевме поради што.“

„Многу девојки викаа дека се повредиле откако паднале.“

„ Две жени дојдоа да ми кажат дека морам да затворм се.“

„Видовме многу полицајци кои ни рекоа дека не смееме да одиме таму“, велат сведоци на нападот.

Неколку часа подоцна, на оддалеченост од 100 километри во Камбрилс е избегнат потенцијално нов смртоносен напад. Убиени се петмина мажи кои носеле појаси со експлозиви. Повредени се шестмина цивили и еден полицаец.

Премиерот Маријано Рахој прогласи тридневна жалост поради терористичкиот напад од џихадистите на Исламска држава.

„Говорот го почнувам со сочувство и солидарност за жртвите на нападот, семејствата и пријателите. Тие се наш приоритет. Потенцирам дека Барселона беше на удар на терористите како и многу други европски градови. Да не заборавиме да останеме обединети во вредностите на коишро се гордееме, демократијата, слободата и човековите права“, изјави премиерот Рахој.

Осуда стигна од целиот свет.

Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Подготвени сме да им помогнеме на институциите на Шпанија за спроведување на законот и службите за национална безбедност“, изјави државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

За Шпанија овој напад е најкрвавиот од 200-та4 година, кога следбеници од Ал Каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица. 

Од јули лани, низ Европа се извршени неколку напади со возило, вклучувајќи ги Ница, Берлин и Вестминстер.
 

Маја Филдишев