Расте бројот на жртви во терористичкиот напад во Барселона
Шпанија е нападната. Бројот на жртвите порасна на 14, стотина се повредени во нападот во Барселона. Исламска држава ја презеде одговорноста, уапсени се четири осомничени Мароканци. На 120 километри јужно од Барселона, во туристичкиот центар Камбрилс, полицијата спречи нов терористички напад, убиени се петмина терористи...

Полицијата контролира неколку места во североисточната покраина Каталонија откако во нападот во Барселона од Исламска држава загинаа десетина лица, како и по пукотниците во приморскиот град Камбрилс каде што се ликвидирани петмина напаѓачи кои наводно планирале втор инцидент.
Во првиот напад на улицата Ла Рамбла, во центарот на главниот каталонски град има стотици повредени. Возачот на комбито што влета во луѓето е во бегство. Осомничен е 18-годишниот Муса Обакир, братот на Дрис Обакир, Мароканецот чиишто документи биле украдени и пронајдени во возилото.
„Полицијата ни нареди да ги затвориме рестораните. Народот е исплашен, се крие по згради, ги заклучија вратите. Трчаа луѓе, но не знаевме поради што.“
„Две жени дојдоа да ми кажат дека морам да затвориме се. Видовме многу полицајци кои ни рекоа дека не смееме да одиме таму“, велат сведоци на нападот.
Неколку часа подоцна, на оддалеченост од 100 километри во Камбрилс е избегнат потенцијално нов смртоносен напад. Убиени се петмина мажи кои носеле појаси со експлозиви за кои подоцна беше утврдено дека биле лажни. Повредени се шестмина цивили и еден полицаец.
„Од работа заминав околу полноќ, тргнав на прошетка со пријателите, и одеднаш слушнав пукотници. Почнавме да трчаме. На тротарот видов мртов човек, застрелан во главата. Неколку метри од него, видовме уште двајца со појаси со експлозиви. Веднаш се скривме.“
„Многумина доаѓаа од пристаништето, а полицијата ни нареди да одиме внатре поради безбедносни причини. Бевме со 15-тина туристи од Франција, работници од околните локали, една девојка ја повреди ногата додека трчаше. Во просторијата бевме околу триесетина.“
Премиерот Маријано Рахој прогласи тридневна жалост поради терористичкиот напад од џихадистите на Исламска држава.
„Говорот го почнувам со сочувство и солидарност за жртвите на нападот, семејствата и пријателите. Тие се наш приоритет. Потенцирам дека Барселона беше на удар на терористите како и многу други европски градови. Да не заборавиме да останеме обединети во вредностите со кои се гордееме, демократијата, слободата и човековите права“, изјави премиерот Рахој.
Знамето на ЕУ е на пола копје во чест на жртвите од нападот. Светските лидери со осуда за терористите.
„Исламскиот тероризам дејствува против човештвото. Заедно сме обединети против овие убијци на коишто нема да им дозволиме да не тргнат од нашиот пат, нашиот начин на живеење. Особено Барселона којашто се карактеризира со убавина, толеранција, радост, мирен соживот на луѓе од многу земји и култури во светот. Тероризмот ни задава горчина и тага, но никогаш нема да не порази“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.
„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Подготвени сме да им помогнеме на институциите на Шпанија за спроведување на законот и службите за национална безбедност“, рече американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.
Рускиот претседател Владимир Путин му изрази сочувство на шпанскиот крал Фелипе Шести. Од Кремљ потврдија дека е неопходно да се обединат силите на меѓународната заедница во борбата против тероризмот.
Од јули лани, низ Европа се извршени неколку напади со возило, вклучувајќи ги Ница, Берлин и Вестминстер.
За Шпанија овој напад е најкрвавиот од 2004 година, кога следбеници од Ал Каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица.
Маја Филдишев
