Постапката за избор на наследникот на Зврлевски почнува на 22-ри август

18.08.2017 15:43

Лилјана Спасовска ќе ја врши функцијата јавен обвинител во овој период. Таа со годишниот распоред е ставена како замена. Постапката за избор на наследникот на Зврлевски почнува на 22-ри август, за кога е закажана владина седница. Кандидатите имаат рок од 15 дена да се пријават...

Лилјана Спасовска ќе биде вршител на функцијата јавен обвинител. Како што соопштија од институцијата, според годишниот распоред, таа е ставена за заменик во случај на спреченост или отсуство на републичкиот јавен обвинител. Ова на седница треба да го потврди и Советот на јавни обвинители.

Од Владата најавија дека на седницата на 22-ри август, ќе биде изготвен предлог за огласување на избор за нов јавен обвинител, кој потоа ќе биде испратен до Собранието.

„Собранието на предлог на Владата треба да го огласи именувањето нов јавен обвинител во Службен весник и уште во најмалку два дневни весника. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена. Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување на јавниот обвинител. Во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Бошњаковски вели дека Владата се залага, примарна цел на новиот Јавен обвинител да бидат интересите на граѓаните, а тој да биде личност со интегритет и углед и да ги почитува законот и Уставот.

Мандатот на државниот обвинител е шест години со право на повторно именување.

 

Игор Панов