25 години АРМ: Симбол за храброст, гарант на безбедноста
Земјава одбележува голем јубилеј- 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија. Министерката Шеќеринска најави награди за војниците кои ги гасеа пожарите. Предупреди оти доцниме со стратешките одбранбени документи и побара лидерство.

Четврт век Македонска Армија. Горди, полни со елан, подготвени секогаш да одговорат на повикот. Гардистите со показна вежба, специјалците помагаат во справување со проблем. На воениот стадион во Парк, промоција на опремата со која располага АРМ. Голем интерес кај посетителите.
„Стабилна, безбедна Македонија како полноправен член на НАТО. Огромен чекор напред за развојот и просперитетот на нашата држава, но и за целиот регион. Само заедно можеме да ги совладаме предизвиците и заканите кон вредностите во кои заеднички веруваме“- им порача министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска на вработените во Армијата и одбраната. Ги повика сите заедно да работат за остварување на оваа визија.
Во екот на мигрантскиот бран, македонските војници се вклучија во обезбедувањето на јужната граница. Во најтешките денови по ланските поплави и неодамнешните пожари одговорија на барањето помош.
Изутрината се положија цвеќиња на почивалиштата на претседателите Трајковски и Глигоров, како и на гробот на генерал Апостолски. Пред зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот одадена почит и на загинатите бранители во 2001-та година.
Наташа Гркова- Петрушевска
