Најмалку 27 повредени во сообраќајна несреќа кај Велес

20.08.2017 22:22

Автобус со патници излета од коловозт на автопатот Велес-Скопје. Повредени се најмалку 27 лица од кои двајца потешко. Повеќе екипи на Брза помош ги извлекуваа повредените и ги пренесуваа во најблиските болници...

Најмалку 27 лица се повредени, од кои двајца потешко вечерва откако автобус со патници излета од коловозт на автопатот Велес-Скопје. Повеќе екипи на Брза помош ги извлекуваа повредените и ги пренесуваа во најблиските болници.

МВР ја корегира претходно дадената информација дека автобусот кој излета на автопатот кај Велес бил со грчки регистарски ознаки. Од МВР посочуваат дека станува збор за македонски автобус и дека сите патници се македонски државјани. Осумнаесет повредени се пренесени во скопските болници, а девет во болницата во Велес.

На Ургентниот центар во Скопје се примени десетина од повредените патници, од кои еден е во тешка состојба. На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се примени шестмина кои се во фаза на испитување, а по извршените снимања ќе се утврди дали ќе бидат хоспитализирани.

Во Болницата во Велес, пак, се примени девет лица, од кои четворица со тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите тројца се пренесени на Скопските клиники.

Сообраќајката се случила вечерва околу 19 часот на автопатот Велес- Скопје, во близина на зимскиот пункт Кула, кога автобусот изгубил контрола и излетал од коловозот. Во тек е увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.

Поради сообраќајната несреќа, сообраќајот на автопатот се одвива отежнато по една коловозна лента.