Избирачкиот список за локалните избори од денеска на увид

21.08.2017 10:51

Од денеска почнува 15-дневниот јавен увид во избирачкиот список за локалните избори. Граѓаните до 9-ти септември можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци во избирачкиот список. Државната изборна комисија го разгледа извештајот за неговата состојба...

Од денеска избирачкиот список на увид за локалните избори. Граѓаните до 9-ти септември можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците. Во списокот се запишани 1.816.127 граѓани. Во материјалот доставен од Заводот за статистика, во однос на податоците добиени од МВР, не се ажурирани податоците на 11.346 лица, најголем дел поради немање адреса на живеење и отпуст од државјанство. Државната изборна комисија по барањата и пријавите на граѓаните е должна да реши во рок од 24 часа.

Комисијата во рок од пет дена од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии. Од највисокото изборно тело уверуваат дека со целосното ажурирање на списокот, ќе го затворат просторот за забелешки.

Днеска почнува и рокот за собирање потписи за листи на независни кандидати за советници и градоначалници, што ќе трае до 4-ти септември. Политичките партии своите листи на кандидати треба да ги поднесат најдоцна до 9-ти септември. Изборната кампања почнува на 25-ти септември, а завршува на 13-ти октомври на полноќ.

Локалните избори ќе се одржат на 15-ти октомври, а евентуалниот втор круг би бил на 29-ти истиот месец.