Расте бројот на болни со стомачни вируси

21.08.2017 11:15

Инфективна клиника се полни, но бројката не е алармантна, велат надлежните. Ладните напивки на топлото време ја уништуваат цревната флора, а тоа е најголемата причина за ова заболување.

Нема зголемен број на јавувања во Брзата помош, освен за хронично болните и потешките случаи. Лекарите велат дека граѓаните ги почитуваат претходно донесените препораки и не се изложуваат на ризици. Овој период носи и стомачни вируси за што веќе има и хоспитализирани на Инфективната клиника, но оттаму велат дека бројката не е алармантна. Вирусите предизвикуваат стомачни болки, обилна дијареа, а знаат да ја зголемат и телесната температура. Неретко, пациентите со стомачен вирус дехидрираат, па мора да примаат инфузии, вели д-р Алексовски.

Ладна вода и сокови на топлото време ја нарушува цревната флора. Со топлото време исто така расте и ризикот од труења со храна, па лекарите алармираат на зголемена внимателност, не само за тоа што се јаде и пие, туку и како се чува храната. Особено треба да се внимава кога станува збор за деца, болни или стари лица, затоа што имаат кревок имунитет. Граѓаните велат дека внимаваат.

Млечните производи што во малопродажбата се изложени во разладен уред, по купувањето веднаш да се сместат во ладилник, исто како и месото и месните производи.Не треба да се употребуваат оштетените, надуените и оксидираните лименки и конзерви зашто, бактериите можат да се развиваат и во конзерви што не се правилно конзервирани. Со зголемувањето на температурите почесто напаѓа и рота- вирусот. Овој вирус е одговорен за 30 отсто од инфекциите на гастроинтестиналниот систем.

 

Дијана Ценевска