САД и Јужна Кореја на заеднички воени вежби

21.08.2017 10:20

Во маневрите наречени „Улчи - бранител на слободата“ учествуваат 50.000 јужнокорејски војници и 17.500 американски војници. Од Сеул тврдат дека целта на вежбите е да се подобри нивото на одбраната, а не да се провоцира северниот сосед.

И покрај зголемените тензии на Корејскиот полуостров, САД и Јужна Кореја ги почнаа заедничките воени вежби кои ќе траат до крајот на месецов. Во маневрите наречени „Улчи - бранител на слободата“ учествуваат 50.000 јужнокорејски војници и 17.500 американски војници. Од Сеул тврдат дека целта на вежбите е да се подобри нивото на одбраната, а не да се провоцира северниот сосед.

„Северна Кореја треба да сфати дека заедничките одбранбени вежби меѓу Јужна Кореја и САД ќе продолжат поради постојаните провокации од нивна страна. Се надевам дека нашите владини и воени претставници се подготвени за каква било провокација од Северот поради годишната вежба. Барам нашиот народ да биде пообединет од кога било претходно“, изјави Мун Џе-Ин, претседател на Јужна Кореја.

Група мировни активисти одржаа протест пред претседателскиот кабинет и американската амбасада во Сеул.

„Денеска почнаа заедничките воени вежби меѓу Јужна Кореја и САД. Мислам дека требаше да се намали нивниот интензитет или целосно да се прекинат, бидејќи можат да ја испровоцираат Северна Кореја“, вели Чои Бујанг Хиун, мировен активист.

Маневрите се одржуваат два пати годишно. Покрај копнеите, поморските и воздухопловните вежби, вклучени се и компјутерски симулации за подготовките против евентуален напад од Пјонгјанг.