Фатљум Жута спортист на годината во Струга

14.02.2014 14:03

Дваесет и пет годишниот боксер Фатљум Жута, државен првак на Македонија и третопласиран на медитаранските игри е прогласен за спортист на Струга за 2013 година на традиционалната манифестација која по четириесет и втори пат се одржа во Струга.

Фатљум Жута професионално се занимава со бокс во Соединетите Американски држави, каде претходно целиот свој спортски дух го стекна во родната Струга.
 
„Признанието го добива сосема заслужено и повторно е избран за најдобар спортист на нашата општина. Фатљум Жута професионално се занимава со спорт, а во моментов е во Америка“, вели Ѓорѓи Чуркоски, секретар на Спортскиот сојуз во Струга.
 
Струшкиот спортски сојуз покрај десетте најдобри спортисти и млади надежи, спортски работници и тренери, оваа година избра и најдобар педагог. Оваа награда му беше доделена на наставникот по физичко воспитување и тренер на Пливачкиот клуб „Струга“. 
 
„Задоволен сум од изборот и од комисијата при Сојузот на спортови од Струга, што ја добив оваа награда, иако заслужуваат и многу други колоеги кои работаат во училиштата и во спортските клубови и други активности кои ги спроведуваме на ниво на Општина Струга, со нашите забележителни резултати кои ги постигнуваме како во училиштата и клубовите“, истакна Ацо Ѓуроски.
 
Епитетот најдобар спортист од Општина Струга кој настапува во друг клуб надвор од родениот град го понесе ракометарот Велко Маркоски:
 
Исто така избравме спортист кој најдобро ја претставува нашата општина, односно настапува за други клубови надвор од Струга, овој пат оваа награда му припадна на Велко Маркоски, информира Ѓорѓи Чуркоски.
 
За најдобра спортска екипа на Струга беше прогласена Пливачкиот клуб „Струга“ чии членови минатата година освоија околу 20 медали на меѓународните натпреварувања и над 70 на домашните првенства и турнири.
 
Јованчо Наумоски