Вучиќ: Офанзивно дејствување против Србија, причина за повлекување на персоналот од амбасадата во Македонија

21.08.2017 14:02

Нашите надлежни органи утврдија и ни дадоа докази и сознанија за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. Наше е нашите луѓе да бидат подготвени- изјави денеска претседателот на Србија...

Српските надлежни органи утврдиле и докажале дека против Србија е извршено офанзивно дејствување, и поради тоа е повлечен персоналот од Српската амбасада во Македонија, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

Нашите надлежни органи утврдија и ни дадоа докази и сознанија за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. Наше е нашите луѓе да бидат подготвени. Ќе има некои промени во нашиот персонал. Србија ќе продолжи да негува пријателски односи со Македонија. За седум до десет дена работите ќе бидат појасни, изјави Вучиќ, додавајќи дека имало многу шпекулации.

Нашите интереси ќе ги заштитиме и ќе градиме добри односи со Скопје, истакна шефот на српската држава на прашањето дали кризата во односите има врска со членството на Косово во УНЕСКО.

Тие односи ќе мораат да бидат засновани на взаемно почитување. Дали Албанците ќе го стават Косово на дневен ред на собранието на УНЕСКО, наша работа е да ги заштитиме интересите на Србија, а при тоа да не ги нарушиме интересите на другите земји, истакна Вучиќ.

Вучиќ дополни дека има мешање и на некои други сили, но не именуваше за кого се работи.