Македонија да увезува нова електронска опрема
Македонија да не го собира електронскиот отпад од западноевропските земји, туку да увезува нова, современа опрема што ќе значи заштита на животната средина и заштеда на енергија, порачува Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија. Групацијата, формирана минатата недела, побара измени на законските решенија коишто ја регулираат оваа област во насока на порестриктивна примена и контрола на старите машини...

Новоформираната Групација на провајдери на дигитални решенија бараат законски измени. Оттаму сметаат дека е потребна поголема контрола врз употребата на стари машини, принтери, скенери и друг електронски отпад. Апелираат да се инсистира на увезување нова и современа опрема.
70 проценти од опремата која Европа ја исфрла од употреба, а се увезува во Македонија е за потребите на администрацијата- тврди оваа групација. Министерството за внатрешни работи веќе распишало тендер за набавка на 600 стари машини, што само го потврдува фактот дека кај нас воопшто не постои критериум за квалитет на канцелариски уреди, велат од групацијата.
Од Стопанската комора велат оти речиси 30 фирми настојуваат да ги наметнат на пазарот новите, современи електронски уреди, но има и такви кои се занимаваат со увоз, репарирање и пуштање во промет на стари копири и друга електронска опрема од западните земји.
Александра Спировска
