УЈП: Индикации за затаен данок на добивка

21.08.2017 15:18

37 приватни и мал број државни фирми во 2015-та и 2016-ра година свесно биле отстранети од системот за присилна наплата на данок на добивка и со тоа биле затаени милионски суми, велат од УЈП. Со ова биле прекршени работните процедури и професионалноста, рече директорката Лукаревска. Ќе биде поведена дисциплинска постапка за инволвираните лица...

Триесет и седум компании со помош на вработени од Управата за јавни приходи во 2015-та и 2016-та година ја избегнале наплатата на милионски долгови за данокот на добивка. Меѓу компаниите има и приватни и државни фирми, и се дел од листата на должници што ја објавува Управата за јавни приходи, истакна директорката Лукаревска.

Фирмите биле ставени во привилигирана позиција. Во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка била инсталирана посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови, која овозможувала подолг период да бидат изземени од постапки за присилно наплатување.

Службите на УЈП имале обврска да го мониторираат целокупниот процес, но, според Лукаревска, тие затаиле. Против две лица, вработени во УЈП се води дисциплинска постапка и истрагата ќе се проширува.

 

Дијана Ценевска